САД се шокирани откако во јавност се појавија илјадници документи што го докажуваат долгогодишното злоставување на момчиња во организацијата „Boy Scouts of America“. Во склоп на граѓанските обвиненија пуштени се неколку илјади страници на документи, кои сведочат за децении на сексуално злоставување на момчиња во извидничката организација „Boy scouts of America“ од страна на водачите на извидниците.
Документите содржат и докази за сите луѓе што биле вмешани во овој скандал прикривајќи ги доказите и заташкувајќи ги масовните злоставувања. На суд се претставени дури 1.247 документи што го опишуваат злоставувањето на младите извидници меѓу 1965 и 1985 година, а во две третини од случаите била вмешана и полицијата. Овие документи ни овозможуваат информации за тоа како педофилите се инфилтрирале во една од најголемите организации за млади во САД – рече адвокатот Мајк Фах.
Документите за злоставувачите долго се чувале во Тексас за да се спречи педофилите по исфрлањето повторно да влезат во организација во некој друг град. Некое време на педофилите им дозволувале да се вратат откако ќе заминат на психијатриско лекување, но се покажало дека и покрај лекувањето, сепак, им се вратиле старите навики.
– Постојат случаи во кои некои наши членови ја злоупотребиле својата позиција и злоставувале деца и во некои случаи, ние како организација не сме реагирале доволно добро за да ги заштитиме децата – вели претседателот на „Boy scouts of America“ Вејн Пери, кој истакнува дека оваа организација денес е многу безбедна.