Курдските сили, помогнати од САД во Сирија, денеска ја повратија целосната контрола врз големиот затвор Хасаке, на североистокот од земјата, што пред шест дека беше нападнат од групата Исламска држава (ИД). Со тоа заврши најголемиот џихадистички напад во земјата во последните три години.
Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права (СОХР) соопшти дека во борбите на 20 јануари за ослободување на џихадистите од курдскиот затвор Хасаке, на североистокот од Сирија, загинаа 181 лице, меѓу кои 124 џихадисти, 50 курдски борци и седум цивили.
Борбите, исто така, предизвикаа бегство по екстремно студено време на 45.000 лица, кои живееле во близина на затворот, соопштија ОН.
-Целосната контрола врз затворот доаѓа по безусловното предавање на сите џихадисти, кои беа забарикадирани во него, изјави Фархад Шами, портпарол на Сириските демократски сили (ФДС), во кои доминираат Курдите, а ја водат борбата против ИД во Сирија уште од 2011 година.
СОХР потврди дека курдските сили го зазеле затворот, но посочува дека операцијата за чистење продолжува.
Повеќе од стотина џихадисти, внатре и надвор од затворот, на 20 јануари го почнаа координираниот напад врз оваа казнено-поправна установа.
Во борбите на страната на напаѓачите, кои успеаја да влезат во затворот, учествувале и затвореници кои се побуниле против стражарите и земале оружје од магацинот.
Ова е најголемиот напад на ИД од неговиот пораз од курдските сили во Сирија во 2019 година. Во нападот биле употребени камиони-бомби и тешко оружје.
Борците на ФДС, во ослободување на затворот, помош добиле од американски војници од меѓународната антиџихадистичка коалиција.
Извор: МИА