Сириските бунтовници денеска го отфрлија барањето на Русија за повлекување од северниот град Алепо до петок вечер.
– Тоа воопшто не се поставува како прашање. Нема да им го отстапиме градот Алепо на Русите и нема да се предадеме, изјави Закариј Малихифџи од групата Фастаким.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека на бунтовниците и на цивилите ќе им биде дадена можност да ги напуштат источните делови на Алепо, кои се под контрола на опозицијата, и сигнализираше дека ќе продолжи мораториумот за воздушни напади врз градот.
Малихифџи, сепак, уверуваше дека нема безбедни коридори за повлекување од Алепо, како што тврди Русија.
– Тоа не е точно. Цивилите и борците не се повлекуваат. Цивилите се плашат од режимот, тие не му веруваат. А борците не се предаваат, истакна претставникот на бунтовниците.