Лидерите на сириските бунтовници водат тајни преговори со Русија за прекин на борбите во Алепо, пишува денеска весникот „Фајненшал тајмс“, повикувајќи се на претставници на сириската опозиција.
Британскиот весник забележува дека тоа покажува оти САД можат да бидат изолирани од решавањето на еден од клучните конфликти на Блискиот Исток.
Посредник на преговорите што се водат во Анкара е Турција, изјавија четворица членови на сириската опозиција, стационирани во северниот дел на земјата кој е под контрола на бунтовниците.
Основна цел на разговорите е да се стави крај на борбите во Алепо, вториот по големина град во Сирија.
– Русите и Турците разговараат засега без САД. САД воопшто не се примени на овие разговори и дури не знаат што се случува во Анкара, истакна сириски опозиционер, кој побарал анонимност.
Веста дојде откако Кремљ потврди дека рускиот претседател Владимир Путин разговарал вчера со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, забележува „Фајненшал тајмс“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретна денеска со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу во турскиот средоземноморски град Аланија, од каде порача дека Русија сака да работи со сите страни во конфликтот во Сирија.
Тајните преговори не се првиот случај кога се сретнуваат претставници на сириски бунтовници и руски власти, посочува „Фајненшал тајмс“.
Според добро информиран извор, бројот на учесници во преговорите е енормно голем – што претставува показател за тоа со кого тие мислат дека треба да постигнат договор, пишува весникот.
– Преговорите се водат директно со Русите, бидејќи ние знаеме дека во оваа фаза Башар ал Асад не е ништо повеќе од провинциски гувернер кој ги извршува наредбите на Путин, нагласи висок претставник на сириската опозиција.
Дискусиите изгледа постигнуваат мал напредок, но самиот факт дека се водат без американско учество, наведува кон менување на политичката динамика во Блискиот Исток, коментира „Фајненшл тајмс“.