Сириската опозиција го отфрли предлогот на ОН за етапни преговори со власта на Асад

Од:

Комитетот за преговори, што го претставува поголемиот дел од сириската опозиција, денеска соопшти дека го отфрлил „етапниот“ пристап за унапредување на преговорите со власта во Дамаск, по 11 години конфликт, што беше предложен од специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.

Ваквиот став на Комитетот произлезе по состанокот на неколку опозициски групи, одржан минатиот викенд во Катар. Состанокот се одржа во обид да се обединат напорите на опозицијата против сирискиот претседател Башар ал Асад, кој сега контролира две третини од земјата.

Ослабена од внатрешните конфликти и воените порази на теренот, политичката опозиција во егзил не успеа по повеќе од една деценија војна да ги обедини своите редови за да се претстави како кредибилна алтернатива на владата.

На крајот на 2021 година, специјалниот пратеник на ОН за Сирија предложи етапен преговарачки пристап со Дамаск.

Комитетот денеска соопшти дека го одбива овој етапен механизам, што не води кон целосна имплементација на Резолуцијата 2254, со цел да се постигне политичка транзиција во земјата.

Резолуцијата, усвоена од Советот за безбедност во 2015 година, предвидува, меѓу другото, ревизија на Уставот и одржување на избори под надзор на ОН.

Последната рунда преговори под покровителство на ОН заврши во октомври без напредок.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

„Њујорк Тајмс“: Постојат сомневања дека има повеќе од 100 локации со хемиско оружје во Сирија

(ВИДЕО) Израел нападна сириски воени аеродроми

(ВИДЕО) Нов израелски напад врз Сирија

Ахмед Ал Шара: Сирија има капацитет да преживее

За два дена во Сирија се убиени повеќе од 1.000 луѓе

Масакр во Сирија: Убиени над 340 цивили, тврди Сириската опсерваторија за човекови права