Синот на белорускиот претседател Александар Лукашенко, Виктор Лукашенко денеска е избран за претседател на Олимпискиот комитет на земјата, иако Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги суспендираше двајцата и им забрани учество на Олимписките игри во Токио.
Како што пренесуваат странските агенции, таа одлука ја зголемува шансата белоруските спортисти, на Олимпијата што треба да се одржи ова лето, да се натпреваруваат како независна екипа под олимписко знаме.
Лукашенка беше на чело на Националниот олимписки комитет 23 години, а неговиот син Виктор досега беше потпретседател. Во декември минатата година, МОК ги суспендираше и таткото и синот со образложение дека не ги заштитиле од дискриминација спортистите кои учествуваа на протестите во земјата.
Протестите во Белорусија започнаа по претседателските избори во август, на кои Лукашенко го освои шестиот мандат. Опозицијата и западните земји тврдат дека изборите биле нерегуларни, додека официјален Минск негира.