Сиљановска-Давкова од Тирана: Интеграцијата на регионот е неодложен геополитички и безбедносен императив за ЕУ

Од:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана и посочи дека во услови на драматични геополитички промени, со сè помалку мултилатерализам и сè повеќе мултиполарност, со војна на тлото на Европа – интеграцијата е неодложен геополитички и безбедносен императив за Европската Унија.

Таа нагласи дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.

Укажувајќи дека треба да се унапреди регионалната соработка и да се фокусираме на клучните проблеми – од одливот на мозоци до климатските промени, претседателката рече дека регионот мора проактивно да се поддржува за да не бидеме сведени на геополитичка и геоекономска периферија.

Сиљановска-Давкова додаде дека ни треба подобрена инфраструктурна, енергетска и дигитална поврзаност со цел регионот да биде поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар.

Упатувајќи благодарност за регионалната солидарност изразена преку несебичната нега на повредените во трагичниот пожар во Кочани, таа истакна дека со отворањето на здравствените установи за повредените македонски граѓани, како и со активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, се манифестираше искрено пријателство, соседска грижа и хуманост во еден од најтрагичните современи настани за државава.

Таа посочи дека патот на европската иднина води преку соработката и солидарноста, но истакна дека тој пат не е без пречки: сериозна препрека произлегува од старите предрасуди во некои европски центри кои сè уште гледаат на Балканот како на нестабилна периферија, составена од држави заглавени во конфликти, самоблокади и меѓусебни саботажи.

Истакнувајќи дека уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, таа оцени: овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.

Нагласувајќи дека кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања, претседателката оцени дека наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и истакна дека ова мора да се смени и тоа за доброто на сите.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова од Треблинка: Нема да дозволиме да се избрише болната меморија за Холокаустот и за нашите македонски Евреи

А1он

Сиљановска-Давкова: Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот

Седница на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток

Сиљановска-Давкова: Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример, членките на ЕУ треба да ја превенираат

Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни

А1он

Сиљановска-Давкова: Добро е што ќе има нов закон за помилување бидејќи стариот не личи на закон

Катерина Ѓуровски