Земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтерова скала ја потресе денеска кинеската провинција Гуејчжоу, соопшти американскиот геолошки институт.
Провинцијата се наоѓа во југозападниот дел од земјата и граничи со провинциите Сачуан, Јунан и Хунан.
Засега нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета, бидејќи комуникацијата со реонот е прекината поради потресот. Кон местото на земјотресот, кое е тешко пристапно, веднаш се испратени спасувачки екипи.
Епицентарот се наоѓал во близина на градот Лупаншуи, во кој живеат околу три милиони луѓе, на длабочина од 10 километри под површината на земјата.
Според Кинескиот сеизмолошки институт денешниот земјотрес бил со интензитет од 6,5 степени.
Во 1974 година земјотрес со интензитет од 6,8 степени им ги одзеде животите на над 1.500 лица во истиот регион, а во 2012 година 80 луѓе загинаа во два силни потреса повторно во оваа област.