Силен земјотрес со интензитет од осум степени според Рихтер доцна синоќа го погоди реонот на Соломонските острови, при што неколку крајбрежни села се целосно разурнати. Засега нема информации за евентуални жртви.
Потресот бил со епицентар на околу 580 километри од Хониара, главниот град на Соломонските острови, и на околу 60 километри од градот Лата, на истоимениот остров, кој е дел од архипелагот Санта Круз.
Веднаш по силниот земјотрес следел вторичен потрес со интензитет од 6,4, а потоа и уште еден од 6,3 степени. Пред неколку дена во овој реон беше регистриран потрес со јачина од 6,7 степени.
Предупредувањето кое беше издадено за опасност од цунами за околните островски држави е повлечено.
Австралиската метеоролошка служба претходно соопшти дека Австралија не е под закана за опасност од цунами.