Моќниот тајфун Муифа денеска се приближува до брегот на јужните јапонски острови.
Природната непогода ги принуди локалните власти да ги повикаат жителите да најдат соодветно засолниште пред тајфунот да стаса до копното.
Тајфунот е на 180 километри јужно од островот Ишигаки, кој се наоѓа недалеку од Тајван, а ветровите достигнуваат брзина од 216 километри на час. Тајфунот се движи во северозападен правец, јавува Јапонската метеоролошка агенција.
Властите во Окинава, префектура која се состои од повеќе од 150 острови, ги повикаа возрасните лица кои живеат на Ишигаки и другите острови во регионот да побараат засолниште пред налетот на тајфунот.
Јапонската метеоролошка агенција предвиде дека по ударот на Ишигаки, тајфунот ќе се упати кон север и кон кинескиот финансиски центар Шангај.
Извор: МИА