Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто предупреди денеска дека „слепилото“ на оние кои го критикуваат однесувањето на Унгарија во бегалската криза, може да резултира со исчезнување на европската цивилизација.
Ваквата изјава на Сијарто претставува одговор на денешното соопштение од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и Советот на Европа, во кои бараат од Унгарија „да се воздржи од политика и пракса која промовира нетолеранција, страв и ксенофобија кон бегалците и мигрантите“.
Сијарто одговори дека неговата држава не промовира нетолеранција туку дека „зборува за реалноста“.
Тој наведе дека Унгарија продолжува да обезбедува сместување за оние на кои им е најпотребно и негираше дека Будимпешта верува оти сите мигранти се криминалци или терористи.
– Задача на Унгарија не е да им помогне на милиони или десетици милиони мигранти да почнат нов живот во Европа, туку да им помогне да го вратат својот стар живот и да живеат во хумани услови близу својот дом, додека кризата не заврши, изјави шефот на унгарската дипломатија.