Шведската Влада сака поимот раса да исчезне од шведското законодавтсво, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Но овој предлог воедно наидува на критика од страна на Афро-шведскиот сојуз, кој смета дека поимот раса е важен кога станува збор за борбата против дискриминација.
– Ние знаеме дека всушност не постојат различни човечки раси. Исто така знаеме дека суштината на расизмот е во тоа што се верува дека постојат различни раси, дека расната припадност прави човек да се однесува на одреден начин, и дека извесни раси се супериорни во однос на други, вели шведскиот министер за интеграција Ерик Уленхаг.
Според него, поимот раса има негативна конотација и претставува ризик за поттикнување на предрасуди. Затоа тој збор треба да биде исфрлен од текстовите на шведските закони.
Прашањето околу поимот раса и расна припадност е контроверзно и е предмет на повеќедецениска дебата.
Оние кои се залагаат поимот раса да остане во употреба сметаат дека станува збор за поим што е од полза за да може фактички да се согледа и признае егзистирањето на расизмот. Со таквиот поим е полесно да се констатира дека извесни групи се навистина изложени на расизам.
– Поимот раса е нешто што ние во рамки на Афро-шведскиот сојуз го актуелизираме подолг период. Тоа, пред се, е добар инструмент за да може да се укаже на структурната дискриминација во општеството, која погодува значаен дел граѓани само поради бојата на нивната кожа, вели Закарија Зухир од Афро-шведскиот сојуз за Шведската телевизија.