Привремени дозволи за престој, пониски придонеси и забрзан третман на азилантски барања во Шведска.
Тоа е содржината на предлогот што денеска го соопшти претседателот на шведската партија Христијански демократи (КД), Јоран Хеглунд, со цел да се намалат трошоците за прифаќање на азиланти во земјата, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Хеглунд, во својот дебатен напис во „Дагенс нихетер“, нагласува дека постојат „сигурни земји“ од кои во Шведска доаѓаат голем број азиланти, а од каде што речиси сите азилантски барања се отфрлаат. Хеглунд во тој контекст посебно ги посочува земјите од Западен Балкан, од кои во наредната година се очекува да бидат поднесени околу 8.000 барања за азил во Шведска.
– Од такви земји се одобруваат само по неколку проценти азилантски барања, бидејќи се очигледно неосновани. Нашиот предлог би требало да води кон намалување на бројот на неосновани барања, покуси рокови за третман на азилантските барања и со тоа намалување на трошоците за прифаќање на нови азиланти во земјата, истакнува лидерот на КД.
Демохристијаните, кои се дел од опозиционата десноцентристичка Алијанса, го лансираат својот предлог по неодамнешната оставка на малцинската црвено-зелена владина коалиција, откако нејзиниот буџет не помина во Парламентот-Риксдаг.
При гласањето за буџетот, екстремно десничарската парламентарна партија Шведски демократи, позната по своите нетрпеливи ставови кон бегалците и имигрантите, не гласаше за буџетскиот предлог на левиот парламентарен блок, туку за предлогот на десничарската коалиција и така изнуди оставка на Владата, само два месеца по нејзиното назначување.
Реакциите на денеска соопштениот предлог на демохристијаните се различни, од одобрувања до остри критики. Во дел од критиките се истакнува дека КД со ова го покажува своето право лице и се доближуваат до екстремната десница.