Швајцарското обвинителство изврши претреси во објектот на државниот производител на оружје РУАГ по добиените информации за можни прекршувања на швајцарскиот закон за стоките со воена ознака, соопшти денеска Јавното обвинителство на Швајцарија.
Обвинителството информира дека акцијата е реакција на написот во весникот „Ханделсцајтунг“ за претреси на објекти поврзани со РУАГ, во врска со истрага за договори за оружје со Русија за обезбедувањето на претседателот Владимир Путин.
Швајцарското Јавно обвинителство потврди дека добила сигнал од самата РУАГ за извршено кривично дело и формирало дело според швајцарскиот закон за стоки со воена ознака, за можна злоупотреба на службената положба и други прекршоци.
– РУАГ во целост соработува со властите, изјави јавниот обвинител и додаде дека нема да коментира повеќе.
Засеге нема коментар од РУАГ, но „Ханделсцајтунг“ ја цитира компанијата која соопштила дека веднаш почнала внатрешна истрага и го известила Обвинителството.
Според весникот, во основата на случајот се зделки со Русија во кои извршниот директор во одделот на РУАГ за производство на муниција „РУАГ Амотек“ и банкар од приватната банка „Јулиус Бер“ во Русија со години тајно работеле на зделки за оружје. „Јулиус Бер“ соопшти дека знае за тие тврдења и проверува.
– Додека трае истрагата, вработениот ќе биде привремено отстранет од должност, изјави претставник на банката.