Во една од најбогатите и најпросперитетните земји во светот, Швајцарија, синдикатите истакнуваат дека е неизбежно подигнување на границата за заминување во пензија.
Лидерот на Вработените во Швајцарија, синдикална група, која ги претставува работниците од водечките швајцарски извозни гранки, изјави дека зголемувањето на возраста за пензионирање е неизбежно нешто, бидејќи државниот пензиски фонд е под голем финансиски притисок.
-Мораме повторно да размислиме за возраста за пензионирање. Потребна ни е пофлексибилна возраст за заминување во пензија, бидејќи на идните генерации мораме да им го препуштиме системот за пензиско осигурување во добра состојба, изјави Стефан Студер (58), директор на Вработените во Швајцарија.
Во моментов старосната граница за заминување во пензија во Швајцарија е 65 години за мажи и 64 години за жени. Меѓутоа, шест од 10 вработени престануваат да работат пред наведената возраст. Синдикалниот лидер предупреди дека првиот столб на пензискиот систем е во критична состојба. Тој рече дека дури и ако пензискиот систем добие две милијарди швајцарски франци финансиска поддршка, како што е ветено ако иницијативата за реформа на данокот за добивка и пензиската реформа бидат одобрени на 19-ти мај, федералната Влада предвидува дека до 2045 година ќе се акумулира дефицит од 170 милијарди франци. Тоа ќе се случи ако не се направат и други реформи.
Треба да се напушти стариот начин на размислување за да се осигура одржливо реструктуирање, рече Студер, и додаде: „Ако се ценат вработените, многумина ќе бидат подготвени да работат подолго, со помал товар. Повеќето луѓе уживаат во своите работни обврски и работат во професии кои им даваат смисла на нивните животи “.