Швајцарскиот фотограф Лоренцо Винчигуера (49), кој пред две години беше киднапиран од страна на милитантното исламистичко движење Абу Сајаф, на југот на Филипините, успеал да избега, убивајќи притоа еден од чуварите.
Групата за фотографот бараше откуп од околу еден милион долари, но ниту неговата матична држава, ниту Филипините не се согласија со уцената.
Абу Сајаф, која дејствува на југот на Филипините и во Малезија, има околу 400 оружени припадници и е огранок на Ал Каеда во овој дел на светот. Терористите од оваа група се финансираат од странство и од уценување на богати Филипинци и странци. Во ноември годинава, по платен откуп од околу пет милиони долари, беа ослободени двајца германски државјани за кои Абу Сајаф се закани дека ќе бидат обезглавени, ако не им се исплати откупот.
Според полицијата, при бегството Швајцарецот го ликвидирал Јухуран Хисеин, заменик командантот на вооружената исламистичка група. По него била организирана потера, но тој имал среќа да наиде на единица на филипинската армија која е во потрага по припадниците на групата Абу Сајаф.
Абу Сајаф се уште држи неколку странски заложници. Последна закана е соопштена за богатиот сопственик на рибарски фарми и фабрики за конзерви Чан Сан, кој беше киднапиран со неговиот возач во јуни годинава. Семејството на Чан Саи треба на милитантната група да и плати околу еден милион долари, во спротивно и за него е најавено обезглавување слично на грозоморните чинови веќе видени од Исламската држава во Ирак и Сирија.