Со уреден судски налог, јавниот обвинител Никола Обер придружуван од четворица инспектори и еден експерт по информатика извршија целосен претрес на домот на новинарот на весникот „Матан“, Лудовик Рочи, јавува дописникот на МИА од Париз.
При претресот, полицијата заплени информатички материјал и белешки кои му припаѓале на новинарот, но и на неговата сопруга, која била присутна за време на претресот, со оглед дека нвинарот го покрива филмскиот фестивал во Лукарно. Судот од Нешател изутинава испрати мандат до судот од Лукарно да го заплени професионалниот компјутер на новинарот.
Интервенцијата на јавниот обвинител доаѓа по тужбата поднесена од директорот на Институтот за претпријатија на факултетот за економски науки на Универзитетот од Нешател, Сам Блилил кој е вмешан во повеќе афери откриени од весникот „Ле Матан“ од страна на новинарот Лудовик Рочи. Против новинарот е поднесена тужба за клевета, навреда и кршење на функционерска тајна.
Според повеќе швајцарски експерти за медиуми, претрес во приватниот дом на еден новинар е исклучителна мерка и тоа се случува првпат во Швајцарија.
Редакцијата на весникот реагира на ваквиот однос кон нивниот новинар. Според редакцијата, целта на претресот е да се пронајде изворот на информациите на новинарот. Новинарот ја има поддршката и на синдикатите, кои потсетуваат дека тајната на изворот на информациите на новинарите е гарантирана со Европската конвенција за човекови права.
Весникот „Ле Матан“ откри на своите страници дека директорот на институтот за претпријатија има лажна биографија, откако пред десетина месеци беше откриен плагијат на една книга потпишана од страна на професори на универзитетот од Нешател.