Швајцарците денеска на референдум ги одбија иницијативите за воведување на дополнителни построги ограничувања на имиграција, за задолжително чување на државните златни резерви во земјата и за укинување на даночните олеснувања за странци.
Според официјалните резултати мнозинството од 26. кантони гласале против предлозите, што автоматски значи дека не се прифаќаат. Резултатите одговараат на претходно направеното испитување на јавното мислење.
Иницијативите беа ставени на референдум откако обезбедија неопходни 100.000 потписи. За предлогот да биде усвоен треба да добие поддршка од мнозинството гласови и да биде прифатен во повеќето кантони во земјата.
Првата иницијатива за посериозно ограничување на имиграцијата е на предлог на еколошката група Екопоп. Групата предложи ограничување на бројот на имигранти до 16.000 годишно поради ефектот од пренаселеноста врз земјата и ресурсите.
Иницијативата за задолжително чување на државните златни резерви во земјата е на предлог на десничарската Швајцарска народна партија и има три главни цели: централната банка да има забрана за продавање резеви на злато, да се вратат во земјата сите златни резерви и државата да биде задолжена да чува најмалку 20 отсто од своите активи во злато.
Третата иницијатива беше на предлог на Социјалдемократската партија на Швајцарија и предвидува укинување на даночните олеснувања за странци.