Швајцарците денеска гласаат на три референдуми за воведување на дополнителни построги ограничувања на имиграција, за задолжително чување на државните златни резерви во земјата и за укинување на даночните олеснувања за странци.
Според последните истражувања на јавното мислење, сите три предлози нема да бидат одобрени.
Иницијативите се ставени на референдум откако обезбедија неопходни 100.000 потписи. За предлогот да биде усвоен треба да добие поддршка од мнозинството гласови и да биде прифатен во повеќето кантони во земјата.
Првата иницијатива за посериозно ограничување на имиграцијата е на предлог на еколошката група Екопоп. Групата предлага ограничување на бројот на имигранти до 16.000 годишно поради ефектот од пренаселеноста врз земјата и ресурсите.
Иницијативата за задолжително чување на државните златни резерви во земјата е на прелдог на десничарската Швајцарска народна партија и има три главни цели: централната банка да има забрана за продавање резеви на злато, да се вратат во земјата сите златни резерви и државата да биде задолжена да чува најмалку 20 отсто од своите активи во злато.
Третата иницијатива е на предлог на Социјалдемократската партија на Швајцарија и предвидува укинување на даночните олеснувања за странци. Доколку биде прифатена мерката најмногу ќе ги засегне богатите странци.