Претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, за „неодговорно“ го смета однесувањето на Грција, која има намера да ја преиспита соработката со „тројката“ меѓународни кредитори – Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка, пренесоа француските медиуми.
-Доколку грчката Влада не сака да работи со своите кредитори врз актуелната основа сметам дека тоа е неодговорно, изјави Шулц во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, што утре ќе биде објавено.
Мартин Шулц беше првиот високо позициониран странски претставник кој во Атина беше примен од новиот грчки премиер Алексис Ципрас.
Шулц посочи дека преговорите меѓу Грција и нејзините меѓународни кредитори можат да одат само по патот на консензусот, а не по оној на провокациите.
Новиот грчки минситер за финансии Јанис Варуфакис вчера изјави дека Атина нема намера да соработува со „тројката“, која ги набљудува реформите во земјата за што Грција добиваше транши од спасувачките спогодби.