Вработените во Советот на Европската унија, вчера започнаа со штрајк поради плановите за намалување на платите, продолжување на работното време и зголемување на старосната граница за заминување во пензија.
Седиштето на Советот на ЕУ вчера беше речиси празно и наместо 29, одржани се само три состаноци.
Во европските институции се подготвува реформа на досегашниот систем за пресметка на платите на вработените, заминувањето во пензија и системот за напредување, во рамките на новиот буџетски циклус од 2014- 2020 година.
Унијата на синдикатот која го организираше штрајкот, наведува дека на службениците во наредните 15 години би можела да им се намали куповната моќ за 60 проценти, доколку државите членки продолжат да инсистираат на политиката за штедење.
Синдикатите се противат и на измените на старосната граница за заминување во пензија од 63 н а67 години.
Меѓу предвидените реформи е и продолжување на работното време од 37,5 на 40 часа, како и намалување на платата секоја година за три проценти.
Во европските институции работат околу 50.000 службеници, од кои поголем број во Европската комисија.
Платите на вработените службеници се движат од 2.600 до 18.400 евра со додатоци за работа во странство или детски додаток.
Елена Георгиевска