Голем 24-часовен транспортен штрајк со барање за зголемување на минималниот праг на приходи ослободени од данок вчера блокира повеќе делови на Аргентина, јави ДПА.
Автобуси, градски и меѓуградски возови го прекинаа движењето, а демонстрантите на неколку часа ги блокираа главните улици во Буенос Аирес. Банките беа затворени, а судовите работеа делумно. Собирањето на комунален отпад, исто така, беше одложено за еден ден.
Надвор од главниот град штрајкот ги зафати и другите големи градови, како Кордоба, Росарио и Мендоса.
Синдикатите на транспортните работници протестираат против големите даноци и високата инфлација. Синдикатите претставуваат 30 до 40 проценти од вкупно 11 милиони регистрирани работници во Аргентина.
Сите авионски летови на внатрешни линии беа откажани, а неколку меѓународни летови до Буенос Аирес беа пренасочени кон Монтевидео, главниот град на соседен Уругвај.