Дојче Веле – Бон
Од духот на промените и надеж во подобро утре, кое ги донесе „арапската пролет“, малку нешта останаа. Но враќање во состојба од пред 2011 година е невозможно.
Брз поглед врз политичката карта, осум години по револуционерниот замав кој го донесе Арапската пролет, е доволно за да се сфати дека не остана многу од надежда на луѓето дека ќе живеат во достоинство и демократија.
Наместо „леб, слобода и социјална правда“, по избивањето на арапското востание следуваше најмасовната мобилизација на арапскиот народ во поновата историја, многу хаос и разорување. На Либија и се заканува распад на државата. Во Јемен, земјата која е симбол на арапската сиромаштија, ОН велат дека владее најголемата хуманитарна катастрофа во светот. Во Египет повторно доминира мртовачка тишини и измамнички, застрашувачки мир.
Истовремено, неколку држави во транзиција мутираа во земји од кои се пренесуваат конфликти. Комплексниот судир во Сирија по повеќегодишните брутални судири со верска позадина стана заменска војна, како на регионален така и на меѓународен план. Народното востание против владеењето и теророт на кланот на Башар ал Асад се претвори во светски судир.
Само во Тунис, земјата колевка на Арапската пролет, транзицијата од диктатура во демократија би можела да успее, но само ако земјата добие контрола над економските проблеми. Во секој случај, Западот треба да продолжи да го негува и култивира тунискиот модел на демократија.
Авторитарна реставрација и застој на реформи
Но како тоа можеше да се случи? Зошто толку малку остана од духот на промените и надежите за подобар живот во слобода и достоинство? Секако има многу причини за тоа. Првенствено треба да се бараат во минатато и наследството кое зад себе го остави диктатурата, а помалку во културата. За да го разбереме таквиот развој, мораме да знаеме еден факт: Арапската пролет ја прикажа, но не и предизвика кризата на арапските национални држави.
Главна причина за кризата е колосалното потфрлање на владејачките (воените) елити во изградбата на модерна држава. Тие елити конгролираат слаби институции и државни ресурси и често ги користат за да приграбат лична корист.
Тие постепено се оддалечуваа од секојдневието во кое живеат „нормалните Арапи“ и од грижите со кои се соочуваше поголемиот дел од населението. Како разорувачки фактор за идентификација на арапските граѓани со државата се покажа прекинот на договорот за социјални давачки, посебно во Египет.
И така, речиси сите арапски „републики на стравот“ со тек на времето стануваат економски се послаби, а политички се повеќе репресивни. Исламистичките партии се развија во контра сила, но истовремено го попречуваа хуманиот развој на општеството.
Втората опција, односно либарално-граѓанското уредување арапските режими свесно го сузбиваа. Исламистите не ги загрижуваа толку арапските деспоти бидејќи знаеа дека Запад, ако биде стани – падни, попрво ќе се одлучат за нив бидејќи се „помало зло“ од исламистите.
Реформата запре по арапското востание
Реставрацијата на авторитарните системи во многу арапски транзициски држави која почна во 2013 година не дава никаков одговор на големите предизвици на сегашноста и иднината. Овој развој е загрижувачки, посебно откако социо-економските услови, кои на крајот доведоа до арапски револуции, масовно се влошија. Денес, секој трет Арап е помлад од 23 години. Во арапскиот свет во следните 20 години неопходно е да се отворат 50 милиони работни места. Притоа никој не знае како да се создадат тие работни места. Во тој контекст може да се претпостави дека земјите како Египет, без долгорочни политички и економски реформи, наскоро ќе станат такви што со нив нема да може да се управува.
Токму тука Запад би морал да почне да дејствува: Германија и нејзините партнери би морале да ја условуваат помошта која ја нудат. Тоа вклучува напредок (па дури и мал) во борбата против широко распространетата корупција, спроведување на економските реформи за средната класа и јакнење на граѓанското општество и владеењето на право.
Во западните главни градови би требало да се дистанцираат од илузијата на стабилност во наводно силните репресивни земји. Бидејќи тиранијата никогаш не била ниту може да биде стабилна.