Шпанскиот премиер Мариано Рахој побара денеска од грчкиот премиер Алексис Ципрас да биде сериозен и да не ги жртвува Шпанија и Португалија со обвинувањата што ги упати кон двете земји.
– Не сме одговорни за разочарувањето, што го предизвика грчката радикална левица, ветувајќи им го на Грците тоа за кое знаеше дека не може да се исполни, изјави Рахој на состанок на неговата конзервативна партија.
Шпанија исто така побара од Брисел да ја осуди изјавата на Ципрас, со која ги обвини Шпанија и Португалија дека се во сојуз против Грција.
Мадрид го повика претседателот на ЕУ, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер да ја осудат изјавата на Ципрас, изјави претставник на Владата на Рахој.
– Таа изјава е спротивна на духот на солидарноста, кој треба да владее во односите меѓу европските партнери, додаде тој.
Државниот секретар за ЕУ Иниго Мендес де Виго изјави дека Шпанија не е ничиј непријател и додаде дека таа е солидарна со грчкиот народ.
– Сакаме од новата грчка Влада да биде одговорна, бидејќи сметаме дека проблемите на Грција нема да се решат со декларации, туку со реформи, изјави тој за шпанската државна телевизија.
Ципрас ги обвини вчера Шпанија и Португалија дека сакаат да ја доведат Грција во состојба на финансиско задушување со нивната непопустлива позиција на неодамнешните преговори меѓу Атина и ЕУ, кои доведоа до продолжување на евопската спасувачка помош со Грција за четири месеци.
– Против нас е формирана оска на сили, раководени од владите на Шпанија и Португалија, рече Ципрас.
Според него нивниот план е да биде урната грчката Влада пред нејзината работа да почне да дава резултати и пред грчкиот пример да почне да влијае на други држави.
– И најмногу тоа се прави пред изборите во Шпанија, додаде Ципрас.
Според некои анкети шпанската партија Подемос, која е противник на строгите економски мерки има највисока поддршка меѓу шпанските граѓани. Подемос може да биде сериозна закана за владејачката десна Народна партија на изборите кои треба да се одржат кон крајот на годината.