Шпанија е „мошне среќна“, бидејќи граѓаните на Шкотска се изјаснија дека не сакаат да се отцепат од Велика Британија, изјави денеска шпанскиот премиер Маријано Рахој.
– Ние сме мошне среќни поради тоа што Шкотска останува со нас, порача Рахој во снимената видео порака, оценувајќи дека резултатот од гласањето е позитивен за интеграцијата на Европската унија.
Од друга страна активистите, кои се борат за отцепување на Каталонија од Шпанија наведоа дека гласањето во Шкотска има мало влијание врз нивната одлука да се изборат за независност на Каталонија.
Пратеникот во каталонскиот Парламент, Рикард Хене изјави дека во Шкотска се случи тоа што приврзаниците на каталонското отцепување од Шпанија го очекувале и дека кампањата за независност на Каталонија по шкотскиот референдум само зајакнала.
Тоа што е важно, додаде тој, е дека референдумот е одржан и оти Шкотланѓаните можеле да ја изразат својата колективна волја.
– Она на што навистина им завидуваме е дека имаа можност да гласаат. Ние за тоа се бориме, рече Хене.
Пратениците во каталонскиот Парламент треба денеска попладне да усвојат закон, кој ќе им овозможи легално да одржат референдум за судбината на Каталонија. Референдумот е планирано да се одржи на 9 ноември, а за него шпанската Влада не даде согласност.