Официјален Мадрид се закани дека ќе воведе гранични такси, како одговор за изградбата на вештачки докови со кои гибралтарските власти настојуваат да ги спречат упадите на шпанските рибари во територијалните води на оваа британска прекуморска територија на југот од Пиринејскиот Полуостров.
Освен таксите, шпанската Влада се закани и со воведување на забрана за прелет на шпанската територија за некои летови кон Гибралтар и со блокирањето на бизнисот со интернет коцкањето, што го спроведуваат неколку шпански компании од гибралтарската територија.
Шпанскиот министер за надворешни арботи Хозе Гарсија Маргаљо им порача на властите во Гибралтар дека „забавата е завршена“ и дека сега ќе треба да се платат сметките.
Маргаљо најави такса од 50 евра за секое влегување и излегување од Гибралтар, со цел како што рече, се обезбедат средства за да им се „компезира загубата“ на шпанските рибари кои не може да ловат во реонот на Гибралтар.
Шпанскиот министер најави и целосна забрана на пренос на цемент и друг градежен материјал преку копнениниот граничен премин, што би се користел за изградба на вештачките одбранбени докови.
Портпаролот на британскиот премиерот Дејвид Камерон за „Дејли Телеграф“ изјави дека владата во Лондон е „сериозно загрижена“ со најновиот развој на работите во гибралтарско-шпанските односи.
Најновата криза во односите на Мадрид со Гибралтар и Лондон, настанаа пред десетина дена кога гибралтарските власти започнаа со продолжување на градежните работи на доковите, но спорот е отворен од порано.
Шпанските рибари, непочитувајќи го суверенитетот на британската прекуморска територија, редовно прават упади во водите на Гибралтар за да ловат риби. Гибралтарските власти тогаш одговоија со изградбата на доковите, а официјален Мадрид веднаш го отвори повеќе од 300 години стариот спор со Велика Британија околу суверенитетот на територијата.
Главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо за радио Би-Би-Си изјави дека Шпанците кршат низа конвенции на ЕУ, со најавените мерки за одмазда и го обвини министерот Магиљано дека се однесува како генералот Франко.
Шпанските опозициски социјалисти го осудија однесувањето на владата во Мадрид, обвинувајќи ја дека „продава храброст“ врз малечкиот Гибралтар и неговите 30 илјади жители од кои, како што велат, Шпанија нема штета.