Шефот на тајната служба на Руанда, генерал Карензи Караке, кој минатиот викенд беше уапсен во Лондон, врз основа на меѓународна потерница, за извршени воени злосторства, допатувал во Велика Британија, затоа што имал средба со раководството на британската разузнавачка агенција МИ6, откриваат лондонските медиуми.
Средбата била закажана за 18 јуни, но во последен момент била откажана. Два дена подоцна Караке беше упсен на лондонскиот аеродром Хитроу.
Некогашниот воен генерал во својата земја и подоцна командант на дел од меѓународните мировни сили во Дарфур, во западен Судан, сега раководи со разузнавачката служба на Руанда.
Еден шански суд, за него има распишано меѓународна потерница и налог за апсење, затоа што е обвинет дека наредил извршување масакр врз цивили, во текот на граѓанската војна во оваа источноафриканска земја во 1994 година. Станува збор за времето кога во Руанда беше спроведен геноцид врз етничката заедница Тутси, што го извршија пропадниците на заедницата Хути.
Шпанскиот суд го обвинува Караке и за ликвидацијата на тројца лекари- хуманитарци од Шпанија.
После првото сослушување пред судот за екстрадиција во Лондон, тој беше пуштен од притвор, со кауција од еден милион фунти, за да се брани од слобода, но Караке не смее да ја напушти Велика Британија. Новото сослушување и рочиште за барањето на Шпанија за екстрадиција, е определено за октомври.
Обвинетиот шеф на тајната служба и неговите адвокати ги отфрлаат обвинувањата, инсистирајќи дека се „политички мотивирани“.
Набљудувачи во Лондон проценуваат дека целиот случај со Караке, претставува „осрамотување„ на британаката влада, затоа што главната разузнавачка агенција на Велика Британија, МИ6 имала соработка и договорила средба со човек кој е обвинет за тешки воени злосторства и за кого постои меѓународна потерница.
Според лондонските медиуми, властите во Руанда се „гневни на однесувањето на Британците“ и тврдат дека станува збор за „предавство„ од страна на Велика Британија.