Шефицата на британската дипломатија, Лиз Трас, денеска ги повика западните сојузници да и помогнат не само на Украина, туку и на земјите во другите делови на светот да се одбранат од агресијата на автократските власти.
Во уводникот на германскиот весник „Ди Велт“, објавен по повод 77-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, Трас напиша дека меѓународната заедница треба да помогне во одбраната од агресијата и на жителите на другите региони, вклучително и Западен Балкан, Молдавија и Тајван.
Британската политичарка кажа дека автократите и потенцијалните агресори ширум светот внимателно ги следат случувањата во Украина и дека затоа е важно да се испрати силна порака дека таму ќе бидат заштитени националниот суверенитет и владеењето на правото.
Повеќето европски земји крајот на Втората светска војна во 1945 година го слават на 8 мај.
Русија ќе ја прослави советската победа над хитлеровска Германија со воена парада на 9 мај, на која се очекува рускиот претседател Владимир Путин да ги каже следните чекори во агресијата против Украина.
Извор: МИА