Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нареди подобрување на инфраструктурата и проширување на обработливото земјиште за да се зголеми производството на храна, објавија државните медиуми, поради предупредувањата за претстојната криза со храна.
На пленарен состанок на централниот комитет на владејачката Работничка партија, Ким издаде упатства за модернизација на системот за наводнување, производство на модерна земјоделска механизација и зголемување на обработливото земјиште со претворање на калливите рамнини во плодна почва.
Како што пренесува Ројтерс, Јужна Кореја предупреди на влошена криза со храна во изолираната Северна Кореја, вклучувајќи го и неодамнешниот пораст на бројот на смртни случаи од глад во некои региони.
Економијата на Северна Кореја е погодена од бројни поплави и тајфуни, како и санкции поради нејзината нуклеарна и ракетна програма и остриот пад на трговијата со Кина во услови на затворање на границите и заклучување поради пандемијата на коронавирус, а агенцијата за рурален развој на Јужна Кореја проценува дека производството на растителни култури во Северна Кореја минатата година падна за речиси четири отсто на годишно ниво.
Недостигот од соодветна земјоделска инфраструктура, машини и залихи, вклучително и ѓубрива и гориво, ја направи Северна Кореја поранлива на природни катастрофи, велат експертите.
„Во извештајот на државните медиуми се вели дека се поставени нови цели и акциони планови, но не гледам ништо ново бидејќи сите елементи, вклучително и наводнувањето и мелиорацијата, се веќе споменати претходно“, изјави за Ројтерс, Лим Еул-Чул, професор по севернокорејски студии на Универзитетот Кјунгнам во Јужна Кореја.