Северна Кореја денеска побара да и се врати товарниот брод кој неодамна и го одземаа САД, оценувајќи дека тој чин е незаконски и „грабеж“, кој го нарушува „духот на пактот“ постигнат меѓу лидерите на двете земји Доналд Трамп и Ким Џонг-ун во јуни минатата година.
Тоа го соопшти севернокорејското Министерство за надворешни работи и додава дека таа земја ја отфрла Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН донесена против неа.
САД минатата недела запленија товарен брод на Северна Кореја, со образложение дека таа земја илегално пренесува јаглен и опрема што претставува кршење на санкциите на ОН и САД.