Најмалку 26 луѓе загинаа и 130 се ранети во серија бомбашки напади извршени денеска во Ирак, соопштија официјални лица.
Петнаесет луѓе меѓу кои осуммина курдски персонал, загинаа и 100 се повредени во бомбашки напад извршен со автомобил-бомба врз канцеларии на Курдистанската демократска партија и невладини организации во северниот ирачки град Киркук.
Тројца цивили загинаа во втор напад со автомобил-бомба во близина на зграда на полицијата. Нападот се случува пред планираните преговори меѓу централната Влада и претставниците на автономниот курдски регион со цел да се намалат тензиите за спорните територии и нафтените наоѓалишта.
Третиот напад беше извршен пред канцеларии на Патриотската унија на Курдистан во градот Салах Един, на 170 км. северно од Багдад. Притоа загинаа шест луѓе и повредени се 30. Деактивирана е и друга бомба поставена во автомобил во тој град. Во Багдад двајца полицајци беа убиени откако бомба погодила возило во кое се превезувале.