Семејствата на британските војници кои загинаа во текот на воената интервенција во Ирак, можат да ја тужат Владата во Лондон и да бараат отштета, пресуди денеска Врховниот суд, повикувајќи се на правото кое на семејствата им го дава законот за човекови права.
Постапката пред британските судови околу„вината“ на Владата за „невнимателниот однос“ кон војниците на фронтот, ја покренаа семејствата на тројца војници кои настрадаа во Ирак, кога нивниот воен џип налета на противтенковска мина.
Семејствата и нивните адвокати тврдеа дека војниците биле испратени во мисијата без соодветни возила и опрема за војување.
Тврдењата дека целата интервенција е набрзина подготвена и дека без соодветна опрема и заштита војниците се пратени да војуваат, се провлекуваа од поодамна во британската јавност.
Интервенцијата главно мусе припишува на поранешниот премиер Тони Блер, на луѓето во Министерството за одбрана и на воениот врв, а посебно на удар кај воените експерти се посочувани џиповите „Ланд Ровер“ кои ги користеше армијата за патролирање.
За овие возила и сега се тврди дека биле неподготвени за војување, делувале како „лименки за пиво или сокови“ во кои масовно гинеа Британците, особено на почетокот од војната, додека не беа заменети со побезбедни, блиндирани возила за патролирање.
Судот во Лондон ги отфрли аргументите на владините адвокати дека бојното поле не е место каде може да се применуваат законите кои важат во цивилниот свет.