Себастијан Курц (31), лидерот на австриската Народна партија која прогласи победа на изборите, би можел да стане најмладиот лидер на земја во светот.
Иако во моментот на власт се многу млади политичари, поголем дел од нив ја поминуваат 40-та година.
Премиерот на Ирска, Лио Вердекер на 38 години стана најмладиот премиер во историјата на својата земја. На иста возраст за премиери беа избрани и белгискиот Шарл Мишел и украинскиот Володомир Гројсман.
Францускиот претседател Емануел Макрон (39) е најмлад од 25-те лидери на Франција. Луј Наполеон Бонапарта во 1848 година стана претседател на 40-годишна возраст.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан првпат дојде на власт во 1998 година кога имаше 35 години. Во меѓувреме ја изгуби власта и повторно ја освои.
Актуелните лидери на Канада и Полска, Џастин Трудо и Анджеј Дуда водечките функции ги преземаа на 43-годишна возраст, колку што имаа и поранешните британски премиери Тони Блер и Дејвид Камерон кога влегоа во Даунинг стрит во 1997 и 2010 година.
Малку поодамна, Фелипе Гонзалес во 1982 година стана шеф на шпанската влада на 40-годишна возраст, Беназир Буто во 1988 ја презеде премиерската функција во Пакинстан со наполнети 35 години, додека Лоран Фабиус имаше 37 години кога во 1984 година стана француски премиер.
Американските претседатели Теодор Рузвелт и Џон Кенеди беа избрани кога имаа 42, односно 43 години.
Млади лидери се избрани и во некои недемократски земји. Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун го наследи својот татко на 34 години, додека катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани дојде на чело на својата земја на 37 години. Некогашниот либиски водач Моамер ел Гадафи власта ја презеде во 1969 година, кога имаше 27 години.