ВИДЕО: Се зголемува смртниот биланс на протестите во Ирак

Од:

Во протестите во Ирак денеска загинаа уште најмалку тројца демонстранти, а околу 40 се повредени. Смртниот биланс на протестите кои почнаа во октомври изнесува над 250 лица.

Ирачките безбедносни сили денеска убија најмалку две лица и ранија 12, кога отворија оган кон демонстрантите во градот Сахарта, во јужниот дел на земјата. Инцидентот се случил кога демонстрантите се обиделе да нападнат куќа на висок владин функционер.

Во друг случај, најмалку еден демонстрант е убиен, а 34 се повредени кога безбедносните сили пукале во нив во главното заливско пристаниште Ум Каср.

Во Басра од вчера во сила е полициски час, а безбедносните служби предупредуваат дека тоа е прв чекор за запирање на нередите и, доколку е потребно, ќе употребат сила.

Илјадници луѓе и денеска учествуваат во најмасовниот бран антивладини протести во последните децении. Во нив досега се убиени повеќе од 250 луѓе, од кои над 100 во 11 денови во ноември.

Иако меѓу жртвите има и полицајци, најголемиот дел се демонстранти кон кои пукала полицијата. Снајпери стрелаат кон насобраните луѓе од покривите на блиските згради. Локалните медиуми информираат дека на полицијата сè повеќе и помагаат паравоени групи, поддржани и контролирани од Иран. Но и покрај, како што се оквалификува во прозападните медиуми, масакрот, десетици илјадници, главно млад, Ирачани и натаму излегуваат на улиците и бараат смена не само на премиерот, туку и на целата политичка гарнитура.

Тие ги обвинуваат политичките елити за системска корупција, неефикасност и негрижа на државните служби, како и проблемот со невработеноста. Демонстрантите потенцираат дека додека елитата се богати од ирачката нафта, населението тоне во сè поголема сиромаштија.

Според сириско-американскиот аналитичар Хасан Хасан, протестите во Ирак се „веројатно најважниот регионален настан во последните 50 години“, истовремено префрлајќи им на медиумите дека не му посветуваат доволно внимание.

Прозападните медиуми го истакнуваат фактот што до протести во Ирак, но и Либан и Алжир, дојде по речиси девет години од почетокот на Арапската пролет, како доказ дека и покрај бруталната репресија и крвавите војни во Либија, Сирија и Јемен, народите од Блискиот исток не се откажуваат од барање демократија, еднаквост и слобода.

Синоќа, пак, демонстрантите во ирачкиот град Kарбала го опкружија конзулатот на Исламска Република Иран и се обидоа да го запалат. Го симнаа иранското знаме од конзулатот, го заменија со ирачко, а иранското го запалија. На ѕидот на конзулатот напишаа: Карбала е слободна, надвор со Иран, надвор!. Полицијата пукаше во демонстрантите, и според локалните медиуми, притоа уби три лица. Тоа се случи непосредно пред 40-годишнината од големата заложничка криза во американската амбасада во иран. Тогаш, 52 американски дипломати и државјани беа заробени цели 444 дена, откако ирански демонстранти влегоа во Амбасадата во Техеран. Сега, 40 години подоцна, ирански конзулат е на удар на демонстранти.

Инаку, Карбала е свет град за муслиманските шиити, кои се двотретинско мнозинство во Ирак. Иако сунитите се мнозинство на Блискиот исток и во исламскиот свет воопшто, во Ирак се малцинство – со околу 30 отсто од населението. Сепак, за време на долгогодишната диктатура на Садам Хусеин, сунитите доминираа со ирачката држава и вршеа репресија над шиитите, како и ерменските христијани и Курдите. По американската инвазија, со која беше сменет режимот на Хусеин и заменет со демократска влада, шиитите, благодарејќи на својата бројност ја презедоа власта во државата и се поврзаа со Иран, најголемата шиитска држава во регионот. Актуелниот ирачки премиер Адел Абдул Махди на таа функција дојде со посредство на Техеран. Голем број аналитичари оценуваат дека токму влијанието од Иран било пресудно за Багдад да инсистира на целосно повлекување на американските сили од земјата во 2011 година.

Но сегашните протести покажуваат дека Ирачаните не сакаат американска, но ни иранска доминација. Според изјавите на протестирачите, тие на Иран веќе не гледаат како на пријател и сојузник, туку како на уште една сила која сака да го контролира Ирак, откако земјата го преживеа репресивниот режим на Садам Хусеин и неговите масакри на цивили, крвава војна со Иран во 80-те, американска окупација, повторно крвава војна, но овојпат граѓанска на почетокот на ноовиот милениот, а потоа и војна со терористичката „Исламска држава“.

Поранешниот американски амбасадор во Сирија Роберт Форд, исто така го коментираше пресвртот во Ирак.

„Се сомневам дека пред шест месеци, кој и да е од нас кои го набљудуваме Ирак, би очекувал да го види иранскиот конзулат во Карбала како гори пред да биде нападната која била американска установа“, напиша тој на Твитер.

Дури и врховниот шиитски водач во Ирак, ајатолахот Али ал Систани предупреди дека натамошна пресметка на безбедносните и паравоените сили со демонстрантите ќе ја фрлат земјата во „грашански судир, хаос и деструкција“. И иако би се очекувало дека Ал Систани е близок со ајатоласите во Иран, сепак и тој се спротивстави на странската доминација. – Ниту една личност или група, ниту една страна со партикуларен став, ниту еден регионален или меѓународен актер не може да ја преземе волјата на ирачкиот народ и да му ја наметне својата, потенцираше тој.

Протести го потресуваат и блискиот Либан, каде во почетокот гневот на народот беше насочен против економската криза, чудните нови даноци, како оној на Ватсап, и мерките за штедење, но потоа се прошири на блиската поврзаност на Иран со Хезболах, кој истовремено е политичка партија, паравоена организација и свевидна држава во држава во Либан. И во Ирак и во Лубан демонстрантите го обвинуваат политичкиот систем, во кој власта се дели меѓу различните верски и етнички групи, за уништување на националното богатство, очајна состојба на јавните служби и – зависноста од Иран.

Реакцијата на Техеран дојде преку врховниот ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој за „несигурноста и превирањата“ во овие две држави го обвини стариот непријател – САД.

Аналитичартите во тој контекст ја спомнуваат и минатонеделната посета на Ирак на иранскиот генерал Касем Сулејмани, клучна личност за иранските „геополитички авантури“ во Сирија, Либан, Ирак и Јемен. Локалните медиуми оценуваат дека неговата посета постигнала спротивен ефект и предизвикала уште поголем револт кај ирачките демонстранти. Два дена по посетата на Сулејмани на Багдад, таму беше одржан најголемиот протест досега.

Би можело да ве интересира

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Две курдски новинарки загинаа во турски воздушен напад во северен Ирак

Израелските новинари известуваат: Иран подготвува беспилотни летала и ракети за голем напад

Американски војници се ранети во ракетен напад врз базата „Аин ал Асад“ во Ирак

Гранатирана е воена база во Ирак

Горан Наумовски

Нападната е американска воена база во Ирак