Неодамнешните извештаи на Владата на Иран предупредуваат на раст на стапката на невработеност на лица кои се факултетски образувани, а најновите статистички податоци покажуваат дека во Иран, од околу 77 милиони жители од нив 10 отсто се невработени. Повеќето имаат високо образование. Таксистот Ибрахим секое утро купува весници, бргу ги прелистува страниците за политика и спорт за да ги погледне новите огласи за работа. Се јавува на броеви на потенцијални работодавци и се распрашува и така веќе две години. Но, работа нема и затоа мора да заработува како таксист.
– Имам факултетска диплома, но се уште не сум нашол соодветна работа. Поради тоа принуден сум да работам како таксист. Претседателот Рухани вети дека ќе најде некои решенија за случаи како мојот. Верувам дека ќе направи нешто во врска со тоа – вели Ибрахим.
Последните Владини извештаи донесоа поразителни статистички податоци, според кои во Иран околу 8 милиони луѓе се невработени, а повеќето од нив со факултетски дипломи. Само во изминатите осум години на иранските универзитети дипломирале огромен број студенти, додека пазарот на трудот остана ист.
Студентите се за радикални мерки
– Потребна е реформа на системот на високото образование и подобро насочување на студентите при избор на факултетот. Исто така, треба да се зголеми домашното производство и на тој начин да се помогне на пазарот на трудот – вели Абдул-Вахид Фајази од Комисијата за високо образование при иранскиот Парламент.
Апсолвентите на еден техерански факултет бараат радикални мерки, зборувајќи дека не е доволно само да се подготви извештај и да се наведат статистички податоци, туку треба да се преземат долгорочни мерки.
– Тоа е ѕвоно за аларм и за нас и за Владата. Некои од нас планираат да бараат работа во странство – најавува еден апсолвент.
Државниот министер за труд проблемот го објасни со една реченица: – Ако нешто не се направи околу овој проблем, за само седум години ќе имаме 11 милиони невработени.
Иран долги години беше под економски санкции од западните земји, при што стопанството и граѓаните најмногу страдаа.
Новоизбраниот претседател Рухани близок на реформистичките кругови искажа желба да го извлече Иран од меѓународната изолација, да го развие стопанството и да ја реши хроничната невработеност. Иранските студенти се надеваат дека ќе ги исполнат ветувањата.