Холандските власти ја истражуваат смртта на тримесечно бебе во главниот прифатен центар за баратели на азил во земјата, објави денеска „Би-Би-Си“.
Властите соопштија дека бебето починало вчера изутрината во спортска сала што се користела како засолниште за итни случаи, во местото Тер Апел во североисточниот дел на Холандија.
Државниот инспекторат за здравје и заштита на младите соопшти дека за жал медицинската помош била залудна.
Името, полот и националноста на бебето не се објавени.
Инспекторатот најави дека „ќе ги истражи сите можни аспекти што придонеле за смртта на бебето.“
Ќе се проверува нивото на медицинската нега, расположливата нега и условите за живот во односниот прифатен центар.
Холандија е во азилантска криза, со стотици луѓе кои спијат пред прифатните центри, истакнува „Би-Би-Си“.
Причини за таквата состојба се бавната обработка на поднесените барања за азил, ограничувањето на движењето на барателите азил, како и недоволните капацитети за сместување на лицата што бараат азил во земјата.
Извор: МИА