Саудиска Арабија ослободи американски државјанин од затвор повеќе од една година откако беше осуден за твитови во кои ја критикуваше саудиската влада, соопшти неговото семејство. Саад Ибрахим Алмади (72), кој има и саудиско државјанство, бил уапсен во ноември 2021 година кога пристигнал во Ријад да го посети своето семејство, пишува Би-Би-Си.
Тој во октомври беше осуден на 16 години затвор, а апелациониот суд минатиот месец ја зголеми казната на 19 години. Ниту американските, ниту саудиските власти не го коментираа ослободувањето на Алмади. Синот Ибрахим потврди дека неговиот татко моментално е во семејната резиденција во Ријад, но рече дека не е јасно кога би можел да се врати во својот дом на Флорида.
„Сите обвиненија се отфрлени, но сега треба да се бориме против забраната за патување“, изјави Ибрахим за новинската агенција Ројтерс.
Алмади беше прогласен за виновен од судот за обид за дестабилизација на кралството и за поддршка и финансирање тероризам. Нему му беше изречена забрана за патување во траење од 16 години.
Говорејќи јавно за случајот за прв пат по пресудата, Ибрахим за Би-Би-Си изјави дека единствениот доказ презентиран пред судот против неговиот татко се состоел од 14 твитови. Твитовите вклучуваа критики за уривањето на старите делови на градовите Мека и Џеда, загриженоста за сиромаштијата во кралството и референци за убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги.
Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека го споменал случајот на Алмади, како и случаите на други американски државјани кои останале во Саудиска Арабија поради забраната за патување, за време на состаноците со кралот Салман и престолонаследникот Мохамед бин Салман, кога тој ги посетил во јули минатата година.