Ал Џезира – Доха
Француското колонијално минато во Алжир се уште го интересира поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој неодамна повика повторно да се разгледаат договорите потпишани меѓу неговата држава и Алжир, пред 50 години, што алжирската страна го гледа како подготовки за негов влез на претстојните претседателски избори.
Алжирската Влада ги игнорираше апелите на францускиот претседател Никола Саркози на ревизија на билатералните договори склучени меѓу француските окупаторски власти и лидерите на алжирскиот Национален фронт за ослободување од колонијалната власт (ФЛН) пред повеќе од 50 години, што предизвика незадоволство на страна на опозицијата.
Овој повик Саркози го упати во својот говор за време на средба во организација на клубот Choiseul 100, на кој се собраа стотина млади француски економски лидери под 40 години, велејќи: „Мора да ги испитаме сите договори меѓу Алжир и Франција од 1962 година. Од тогаш помина многу време‟, според наводите на францускиот весник Ле Поинт, кој тврди дека имал увид во деталниот извештај од тој состанок.
Алжир извојувал независност од Франција на 5 јули 1962 година, по 7,5 години вооружена револуција за независност која ја водел алжирскиот народ на чело со Националниот ослободителен фронт и кој конечно остварил своја независност како резултат на референдум за самоопределување.
„Навикнале на неговиот нестабилен темперамент‟
До референдум дошло по повеќемесечни преговори меѓу окупаторот и претставниците на Националниот ослободителен фронт (ФЛН), а потоа двете страни во март 1962 година го потпишале Евијанскиот договор кој третира повеќе прашања, како што се условите за референдум за самоопределување, јавните системи, крај на судирите, принципите за економска и финансиска соработка, начините на експлоатација на рудното богатство во алжирската пустина, културната соработка и јавните слободи, како и положбата на Алжирците во Франција и на Французите во Алжир.
Многу Алжирци веруваат дека во договорот се уште се наоѓаат некои клаузули кои се од доверлив карактер и дека таква клаузула, па дури и тие кои се познати во јавноста „не го претставуваат алжирскиот народ, бидејќи се неправедни и ја намалуваат нивната независност‟.
Евијанскиот договор не е единствен од тој вид. Тука се и други договори меѓу овие две страни потпишани како анекси на првиот договор, или во вид на нови договори, од кои најважен договор е од 1968 година, кој се бави со прашањето на алжирските мигранти и иселеници во Франција.
Ваквите изјави на Саркози поврзани за Алжир, кои не се први од таков вид, официјалните претставници на Алжир ги игнорираа.
Ал-Сидик Шихаб, портпарол на Националниот демократски сојуз, втора партија во владејачката коалиција, вели дека неговата партија „не посветува никакво внимание на овој човек, бидејќи веќе сме навикнале на неговиот нестабилен темперамент и дека секогаш изнесува некои забелешки, а потоа се повлекува или извинува и вели дека бил погрешно сфатен‟.
Шихаб за Ал Џезира вели дека француко-алжирските односи се „цврсти и историски и дека резултатите се со политички, економски и социјални услови, па поради тоа не сметам дека вакви или други изјави упатени од човек како Саркози, ќе ги нарушат тие односи‟.
Нејасен говор
Абдул Рахман Балаат, поранешен алжирски министер, забелешките на Саркози ги смета за „општ и нејасен говор‟.
За Ал Џезира вели: „Ако овој човек сака да спроведе ревизија на договорите, тогаш нека се изјасни за ставките кои го вознемируваат. Ние сме подготвени на тоа, бидејќи за својата независност жестоко се боревме и ја плативме со крв. Меѓутоа, оваа општа приказна е француска работа и ние не сме оптоварени со тоа‟.
Но, опозицијата го критикува молкот на алжирските власти и предупредува на последици од таквиот однос.
Тахар бин Беиш, претседател на партијата Ал-Фајр ал-Јадеед, изрази свое жалење поради „слабоста на Владата да одговори на Саркози‟.
Тој додава дека „Саркози постојано ги преминува границите на пристојност и упатува навреди на сметка на Алжир, додека од другата страна нема одговор. Се плашам дека во иднина ќе предложи и повторно да се разгледа прашањето за референдумот за независноста и дека нема да имаме некој кој ќе му покаже кои граници не смее да ги преминува‟.
Десничарска доктрина
Новинската дописничка Фатиха Бороаних вели дека Саркози „не е ништо друго туку експозитура на Giscarda d’Estainga и доктрина на конзервативната десница, кои уште од средината на 70-тите години се обиделе да играат на прашањето на имиграцијата и исламот, бидејќи тие прашања будат страв кај Французите‟.
Таа додава: Giscarda d’Estainga веќе се обиде да го прекрши најважниот анекс на Евијанскиот договор, а тоа е договорот од 1968 година кога во 1975 година бараше од алжирските власти да вратат во Алжир над 30.000 Алжирци со картичка за постојан престој во Франција, со што се дојде до најголема политичка криза меѓу Париз и Алжир.
Бороаних заклучува дека „ваквите изјави на Саркози треба да се гледаат како дел од предизборната кампања за претстојните претседателски избори во 2017 година, кои ќе му донесат многу француски гласови‟.