Самитот на АПЕК во Пекинг заврши со договор за слободна трговија

Од:

На самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што во Пекинг ги собра најголемите светски лидери, денеска е усвоен планот за воспоставување широка зона на слободна трговија во тој регион, соопшти на крајот од самитот неговиот домаќин, кинескиот претседател Кси Џинпинг.

– На самитот на АПЕК  светските лидери усвоија план што предвидува АПЕК да ја промовира и да ја воведе Зоната за слободна трговија во азиско-пацифичкиот регион (ФТААП), соопшти Кси Џинпинг.

Кинескиот претседател притоа додаде дека овој договор „симболично го претставува официјалниот почеток на процесот на примената на ФТААП“ и го нарече историски чекор што ја одразува „довербата и посветеноста на членките на АПЕК за промоција на интеграцијата во регионалната економија“.

На самитот, на кој беше домаќин, Кина вложи особени напори за да го истакне своето растечко економско и дипломатско влијание во светот, а залагањето на официјален Пекинг што има за цел постигнување широк трговски договор во регионот во исто време коинцидира со напорите на САД за привршување на тешките преговори за постигнување на Транс-пацифичкото партнерство (ТПП).

Цел на договорот за ТПП е ублажување на трговските рестрикции и приклучување кон актуелните земји членки на уште 11 држави од регионот на Пацифичкиот прстен, вклучувајќи ги Јапонија, Канада, Австралија и Мексико, но не и Кина и Русија.

Договорот за ТПП наиде на пречки затоа што некои потенцијални членки, а посебно Јапонија, се противат на преголемото отворање на своите пазари.

Покрај различните, а понекогаш и спротиставени  приоритети меѓу Кина и САД, на самитот во Пекинг трговското ривалство на овие најголеми светски економии стана многу видливо.

Рускиот претседател Владимир Путин, за кого западните агенции наведуваат дека е се поблизок сојузник на кинескиот колега Кси Џинпинг, лидерите на самитот на АПЕК ги предупреди на „потенцијалната опасност од поделба на заедничкиот регион во  одвоени сојузи, кои меѓусобно ќе се натпреваруваат“.

Американските официјални претставници, меѓутоа, тврдат дека двете трговски политики не се во контрадикција и додаваат дека ФТААП претставува цел која во иднина треба да се оствари и која ќе ги надгради мултилатералните трговски партнерства, какво што е ТПП.

Би можело да ве интересира

Шведската полиција откри кинески брод во близина на можна саботажа на два кабли на Балтикот

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Кина: Студент со нож убил најмалку осум лица

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Со автомобил влетал во толпа луѓе: 35 загинале, 43 се повредени

Суперсилите ги здружија силите: Кина и Русија договорија заедничко делување за стратешки прашања

(ВИДЕО) Во Кина автомобил влета во толпа пред стадион, има повредени