Поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех во синоќешното телевизиско обраќање изјави дека нема да преговара со Владата на сегашниот јеменски претседател Абд Рабу Мансур Хади, јави БТА.
На овој начин Салех во прашање ја доведе судбината на мировните преговори за завршување на конфликтот во земјата, што треба да се обноват до средината на овој месец, пренесоа британските медиуми.
Али Абдула Салех, кому јеменските вооружени сили се уште му се лојални, и покрај тоа што пред четири години се повлече од функцијата по неколкумесечните протести низ змејата, во меѓувреме постигна сојуз со проиранското племе Хуси во борбата против коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која, пак, го поддржува актуелниот претседател Хади.
Завојуваните страни во декември го оддржаа последниот круг меѓусебни преговори, но не постигнаа политичко решение за завршување на конфликтот, во кој досега загинаа приближно 6.000 лица, забележаа британските медиуми.
Преговорите се очекува да бидат обновени на 14 јануари.
-Нема да има никаков дијалог со платениците кои ја сакаат власта… Ќе има дијалог само со саудискиот режим, рече Салех во телевизиското обраќање, емитувано на неговата телевизија „Јемен тудеј“.