САД ги повикаа суданските лидери да обезбедат цивилна власт и да се прекине насилството врз демонстрантите откако Абдал Хамдок поднесе оставка од функцијата премиер.
– По оставката на премиерот Хамдок, суданските лидери треба да ги остават настрана разликите, да најдат консензус и да обезбедат продолжување на цивилното владеење, се наведува во твитот на Бирото за африкански прашања на американскиот Стејт департмент.
Хамдок вчера поднесе оставка бидејќи не може да постигне консензус за продолжување на транзицијата, по што повика на дијалог за да се постигне нов договор за пренос на власта. Неговата оставка уследи неколку часа по последната рунда масовни демонстрации против војската.
Од 25 октомври, најмалку 57 цивили се убиени за време на демонстрациите, а за утре се планирани нови протести.
Хамдок, економист и поранешен функционер на Обединети нации, беше премиер во рамките на воено-цивилниот договор за поделба на власта што уследи по соборувањето на поранешниот лидер Омар ал-Башир во 2019 година.
Армијата ја распушти владата на Хамдок со државен удар во октомври, но тој се врати еден месец подоцна според договорот со задача да формира технократска влада пред изборите во 2023 година.