Војската на САД призна денеска дека во воздушните напади извршени по налог на безбедносните сили на Ирак во западниот дел на Мосул се убиени десетици цивили, јави БТА.
Централната команда на американската војска истакна во соопштение дека „тие тврдења ги сфатила сериозно и оти отворила истрага за да се утврдат фактите во врска со тие воздушни напади и валидноста на тврдењата за цивилни жртви“.
Обединетите нации денеска изразија длабока загриженост поради извештајот, кој покажува дека битката за Мосул довела до голем број цивилни жртви.
– Ние сме шокирани од трагичните загуби на човечки животи, изјави координаторот за хуманитарни акции за Ирак, Лиса Гранде.
Локалните власти и жителите соопштија во четвртокот дека десетици лица останале закопани под урнатините на зградите по серијата воздушни напади насочени против Исламска држава и големата експлозија, која следела, а телата се уште се извлекуваат од под урнартините.
Според ирачките власти на почетокот на овој месец имало најмалку 220 цивилни жртви како колатерална штета на нападите на коалицијата.
Ирачките сили денеска ги стопираа борбите за повторно заземање на западен Мосул од ИД поради високиот број цивилни жртви.