САД ја замрзнаа воената помош за Тајланд во износ од 3,5 милиони долари, како прва казнена мерка поради државниот преврат во земјата, соопшти Стејт департментот.
Портпатолот на Стејт департментот Мари Харф изјави дека се уште се разгледуваат евентуалните казнени мерки во врска со доделувањето на други седум милиони долари во форма на директна помош за Тајланд, како и неопределени суми за други глобални и регионални програми.
Стејт департментот исто така им препорача на Американците да се воздржат од непотребни патувања во Тајланд, особено во главниот град Бангкок, поради политичките и социјалните немири и ограничувањето на движењето, вклучувајќи го и полицискиот час.
Командантот на тајландските вооружени сили генералот Прајут Чан Ока во четвртокот во директно обраќање преку државната телевизија објави дека армијата извршува преврат и ја презема власта, за да воспостави ред во земјата и да воведе реформи.
Воената хунта вчера ја уапси поранешната тајландска премиерка Јинглук Шинаватра и ја стави во домашен притвор, откако таа се сретна со генералите, кои го соборија времениот кабинет.
Апсењето на Шинаватра, која претходно беше сменета од функцијата, откако Врховниот суд ја обвини за „злоупотреба на овластувањата“ доаѓа само 24 часа по воениот удар во Тајланд и поставувањето на водачот на пучот, генерал Прајут Чан Ока за нов премиер.
Заедно со неа се уапсени и над сто други лица – членови од нејзиното семејство, како и политичари од досегашната власт во земјата.
Воената хунта соопшти дека уапсените може да бидат задржани во период од една недела.