Американската дипломатија побара турските функционери да се воздржат од „излишни изјави“, откако турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави дека во антивладините протестни настани во Турција се замешани терористи, пренесоа француските медиуми.
Ова е петти случај за една недела во кој Вашингтон ги коментира демонстрациите кај неговиот сојузник Турција.
-Продолжуваме, се разбира, да ги поддржуваме луѓето кои мирно демонстрираат и ја користат својата слобода на говор и ги повикуваме тамошните функционери да избегнуваат секаква излишна реторика, секаков излишен коментар, што не придонесува за смирување на ситуацијата во Турција, изјави портпаролката на Стејт департментот Џенифер Псаки.
Таа ова го кажа како одговор на прашањето за вчерашната изјава на Ердоган, во која тој изјави дека во антивладините демонстрации учествуваат екстремисти, од кои некои „се замешани во тероризам“.
Без децидно да го именува турскиот премиер, Псаки изјави дека „огромното мнозинство од демонстрантите се обични граѓани, кои го користат своето право на слобода на говорот“.
Портпаролката на Стејт департментот потсети дека претходно неделава државниот секретар Џон Кери во разговорот со својот турски колега Ахмет Давутоглумуја изразил загриженоста од протестите во Турција и од полициската реакција кон нив.
По овој невообичаено остар телефонски разговор меѓу двајцата министри Давутоглу изјави дека неговата земја не е второкласна демократија, потсетуваат француските медиуми.
-Турција останува наш близок сојузник во НАТО и партнер за редица прашања, вклучувајќи ја и Сирија, подвлече Псаки.
Таа истовремено забележа дека САД „поставуваат некои прашања пред Турција, посебно за човековите права, каков што е денешниот случај.