Федерален судија од Тексас блокираше 3,6 милијарди долари планирани за воени расходи, што администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги побара за изградба на ѕид на јужната граница.
Судијата Дејвид Брионес од Ел Пасо синоќа пресуди дека повик за вонредна состојба на границата со Мексико кој претседателот го објави во февруари годинава, за пренасочување на парите од проекти за изградба на воени објекти во изградба на пограничен зид кон Мексико, е незаконски.
-Прокламацијата за вонредна состојба на претседателот беше безобзирен обид на преземање на власта на Конгресот, изјави Кристи Паркер, советник на невладината организација Заштити ја демократијата, која ги претставуваше тужителите.
-Денешната одлука потврдува дека претседателот не е крал и дека судскиот систем може да ги исправи грешките кога тој ги надминува своите граници.
Тужители се округот на Ел Пасо и организацијата Гранична мрежа за човекови права. Во тужбата се наведува дека претседателот ги надминал своите надлежности со „прокламација на национална вонредна состојба и погазување на законите на Конгресот за лимит на средствата за подигање бариери на американско-мексиканската граница“.
Судската одлука, сепак ја призна законитоста на барањето на администрацијата да пренасочи дополнителни 2.5 милијарди долари од проекти планирани за одвикнување од дроги во изградба на ѕидот.