САД: Белата куќа бара од Конгресот 10 милијарди долари за помош на Украина

Од:

Белата куќа побара денеска од Конгресот на САД 10 милијарди долари за помош на Украина.

– Ова барање за финансирање се заснова на најдобрите информации на администрацијата за барањата за ресурси во овој момент, изјави в.д. директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг во писмо испратено до претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Јанг рече дека тоа е дел од барањето до Конгресот за итно финансирање во износ од 32,5 милијарди американски долари, кое вклучува 22,5 милијарди американски долари во фондовите за коронавирусот „за да се избегне нарушување на тековните напори за одговор на Ковид-19 во текот на следните неколку месеци“.

Во писмото се посочува дека САД веќе и дале помош на Украина во вредност од 1,4 милијарди долари, нагласувајќи ја потребата од поголеми издвојувања.

– Ова барање ја идентификува итната потреба од 10 милијарди долари дополнителна хуманитарна, безбедносна и економска помош за Украина и партнерите од Централна Европа поради неоправданата и неиспровоцирана инвазија на Русија, нагласи Јанг.

Пакетот помош ќе биде искористен за поддршка на Одделот за одбрана во неговите напори да им помогне на силите на Европската команда и на НАТО во регионот. Вклучува финансирање за кибер безбедност, како и хуманитарна помош.

Американските пратеници имаат рок до 11 март да постигнат договор за финансирање.

– Го повикувам Конгресот да ги реши овие критични и итни потреби како дел од сеопфатниот закон за јавно финансирање пред крајниот рок на 11 март, истакна Јанг, додавајќи дека со оглед на брзиот развој на ситуацијата, може да се појават дополнителни потреби.

Нападот на Русија врз Украина, кој започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и САД воведоа економски санкции против Москва.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Стејт департмент: Ескобар не е сменет, ќе добие нова функција во рамките на редовната ротација

Загина познатиот украински кревач на тегови Александар Пелешенко

Руски наредник уби командант и пет војници

Алејник: Украина се обидува да пренесе оружје на територијата на Белорусија за напад

Во напад на украински дронови тешко повредени се шест лица

Украина треба да плаќа 500 милиони долари годишно само за камата