Одделни држави продолжуваат да ги затвораат очите пред ширењето екстремистички идеи, оцени руското Министерство за надворешни работи откако Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција за борба против глорификацијата на нацизмот и неонацизмот.
„Тешко е да се разбере позицијата на некои држави кои се согласуваат со ширењето расизам и екстремистичките идеи, нагласувајќи ја потребата од овозможување слобода на говорот и слобода на собирање”, се наведува во соопштението од руското МНР.
„Во неколку наврати истакнавме дека тие земји ги кршат главните меѓународни документи за човекови права, вклучувајќи го и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација“, се посочува во соопштението.
Во реакцијата на Москва се истакнува загриженост поради „обидите на некои земји одново да ја испишат историјата и поради погрешно толкување на Повелбата на ОН“.
На вчерашната седница на Генералното собрание на ОН беше усвоена резолуција иницирана од страна на Русија, наречена „Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и други практики кои придонесуваат за подгревање на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и слична нетолеранција”.
Резолуцијата ја поддржаа 129 држави, САД и Украина гласаа против, додека 54 земји, вклучувајќи ги членките на ЕУ, беа воздржани.