Професори и научници од САД, Велика Британија и други земји го номинираа рускиот опозиционер Алексеј Навални за Нобелова награда за мир, објави денеска Сергеј Ерофеев, професор на Универзитетот Ратгерс во Њу Џерси, САД.
-Многумина професори од признати универзитети кои се занимаваат со Русија го номинираа него (Навални) за Нобелова награда за мир, напиша Ерофеeв на Фејсбук.
Тој истакнува дека процесот за номинација го започнале научници, но дека тоа не значи дека нема да се придружат и државници или претстaвници на меѓународни организации.
-Но, едно треба да се запомни, најпрво (во ова барање) не се политичарите, туку научниците, наведува тој и додава дека оваа идеја ја поддржале и оние групи кои претходно имале негативен однос кон дејноста на Навални, но го смениле своето мислење.
За руската телевизија „Дожд“, Ерофеев изјави дека во групата за номинација се наоѓаат „големи имиња“.
Според Уставот на Нобеловата фондација, кандидатот може да биде предложен од ректори на универзитети, професори по социјални науки, филозофија, историја, право и теологија. Потоа, членови на парламенти и влади на разни земји, членови на меѓународни судови, директори на научно-истражувачки институти за светска и внатрешна политика, лауреати на Нобелова награда за мир, членови на совети на организации што примиле Нобелова награда за мир, како и членови и советници на норвешкиот Нобеловски комитет.
Навални моментално е во болницата „Шарите“ во Берлин каде се лекува по нападот против него со хемиска нервна супстанца од групата боеви отрови „Новичок“. По труењето, тој падна во несвест и беше ставен во индуцирана кома од 20 август до 7 септември, додека лекарите се бореа за неговиот живот.
Европарламентарците денеска изгласаа критична резолуција против Русија поради труењето на Навални. Брисел, Берлин, Париз, Лондон и Вашингтон бараат објаснување од Москва и подготвуваат санкции. Русија негира дека Навални бил нападнат со хемиско оружје и ги бара анализите за тоа од Германија.