Помошници на руски агенти, вклучително и луѓе од Србија и Босна и Херцеговина, ги оштетуваат автомобилите во Германија за да ја дискредитираат партијата на Зелените за време на предизборната кампања, затворајќи ги издувните цевки на возилата со пур-пена.
Дејството трае само неколку секунди. Кога пената ќе се стврдне, автомобилот повеќе не може да се стартува. Според пишувањата на медиумите, полицијата во Баден-Виртемберг, Баварија, Берлин и Бранденбург верува дека зад ова се крие нешто посериозно. Во овие германски покраини од декември досега на ваков начин се оштетени 270 возила. Патеката води до организаторите на акцијата, кои најверојатно се во Русија.
Полицијата сослушала четворица осомничени. Еден признал дека биле ангажирани од Русин и дека добивале инструкции преку апликација за мобилен телефон од Русија. За секој оштетен автомобил им биле исплатени по сто евра, а добиле и по неколку илјади евра почетен капитал.
Истражните органи сметаат дека станува збор за руска диверзантска операција со цел да се влијае на актуелната изборна кампања во Германија. Оштетените возила често имаа налепници со ликот на кандидатот за канцелар на Партијата на зелените, Роберт Хабек, како и слоганот Биди позелен! Поради ова, истражителите првично претпоставуваа дека зад нападот со пена стојат активисти за климата или поддржувачи на Зелените. Но, по изјавата на осомничениот тоа се промени.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок исто така е убедена дека Русија стои зад наводната саботажа.
„Одамна е јасно дека Кремљ се обидува да ги дестабилизира европските демократии и да ги дискредитира партиите кои не му се допаѓаат користејќи различни методи. Секој кој политички се залага за европски мировен поредок и се спротивставува на агресивната војна против Украина, која го крши меѓународното право, станува цел на Кремљ и неговите послушници“, рече министерот во писмената изјава.
Аналена Баербок е една од водечките кандидати на Зелените за изборите на 23 февруари. Таа партија очигледно застана на страната на Украина.