Во Летонија живеат околу 300.000 луѓе кои немаат летонски пасош, главно Руси. Многумина од нив од принцип не сакаат да полагаат тест за добивање на државјанство. Затоа не смеат да гласаат ниту да вршат јавни функции.
На Централниот плоштат во Рига никој не размислува дали сте Летонец или Русин. Продавачка на цвеќе Инета зборува летонски, нејзината муштерија Ала одговара на руски. Пазарот, велат тие, има свој јазик.
– Како излегуваме на крај едни со други. Најнормално. Тука нема ништо необично. И тие се тука родени и тука пораснале – вели Инета. Ала ја надополнува: – Тука на пазарот јазикот не е толку важен, пазарот има свој јазик и свои правила. Јас дури сакам кога тука на пазар се зборува летонски. Немам чувство дека некој сака да ме превоспитува.
Ала Березовска има 50 години. Како девојче од Русија дошла со родителите во Рига. Ала се борела за летонската независност и отцепувањето од Русија, Но, никогаш не земала летонско државјанство.
– Знаете, во текот на последните 20 години од независноста, се намножија навредите иако ние ги поддржувавме. Почнаа да ни зборуваат дека ние сме никој и ништо, дека сме странци. Всушност треба уште еднаш да почнеме од почеток!
Остра критика на ООН
Ала Березовска е една од 300.000 т.н. неграѓанки на Летонија. Ниту смее да излезе на избори, ниту да врши јавна функција, ниту да работи за полиција или пожарна.
– Во земјата, еден покрај друг, се искристализираа два паралелни света, т.е. општества: летонско и руско. Но, не можат Летонците да ни одредат на кој јазик треба да зборуваат нашите деца и кои празници смеат да ги слават, а кои не.
За да добие летонско државјанство, Ала Березовска мора да полага испит од јазик и историја. Таа не сака да полага од принцип.
ООН остро ја критикуваа Летонија и ја обвинија за недостиг на волја за интеграција на Русите. Бидејќи, секој трет жител на Летонија зборува руски јазик. И покрај тоа, официјален јазик е само летонскиот. Сега рускиот сакаат да го укинат и како предмет во училиштата.
Постоветски начин на размислување
Илмарс Латковскис е шеф на Парламентарната комисија, која се занимава со прашање за државјанство и ги утврдува правилата за негово добивање. Тој не ја разбира критиката на ООН ниту гневот на руското малцинство.
– Има Руси кои многу добро се интегрирани и кои ни се лојални. Но, има и такви кои се уште се заробени во пост-советскиот начин на размислување. Тие се уште веруваат дека дошле како ослободители или како окупатори. Така се чувствуваат и така ги воспитуваат своите деца – смета овој пратеник на Националната алијанса.
Како Латковски размислуваат мнозинството во земјата. Меѓу другите и Инета, продавачката на цвеќе. За дискриминација не сака да слушне.
– Не можам да сфатам дека некој поради тоа може да се чувствува дискриминирано. Што им значи сето тоа? Добро, тие не смеат да гласаат, но тоа е се.
Неграѓаните полека се организираат
– Постојат и такви кои не смеат да излезат на гласање, но не се ни Летонци ни Руси. Многу од нив затоа земаат руски пасоши. Владата во далечната Москва тоа ја радува. Александар Гапоненко одамна има две лични карти. Тој е портпарол на радикалната струја на летонските неграѓани. Пропагандата на Гапоненко и неговиот настап се проследени со музичка подлога на воени маршеви. Тој зборува за етничка хиерархија во Летонија, од која нелетонското малцинство мора да се брани. Тој вели дека руското малцинство мора да се обедини.
Меѓутоа, на Гапоненко не му успева да ги разгори страстите. На Централниот плоштад во Рига неговите пароли предизвикуваат одмавнување со глава и негативни реакции, независно од јазикот на кој зборуваат минувачите. Протестната акција е забранета, бидејќи судовите оцениле дека се работи за ризик по безбедноста.
Во Летонија живеат и луѓе како Нијонила Кухартук. Родена е во Украина, но со децении живее во Летонија. По 20 години живот со статус на неграѓанка, донела одлука да полага испит за добивање на летонско државјанство.
– Одлуката конечно да го направам тоа, беше мотивирана од настаните во мојата земја Украина. Не сакам Путин да ме заштитува. Не сакам тој еден ден тука да се појави, за да им пружи помош на 300.000 неграѓани на Летонија – вели Нијонила Кухартук.
Дојче веле – Бон